Гордана Јанкулоска

Блог на Министерката за внатрешни работи М-р Гордана Јанкулоска

Министерката Јанкулоска на Министерски форум на тема „ЕУ – Западен балкан„ во Брисел, Белгија

Posted by Гордана Јанкулоска on ноември 23, 2010

Министерката Јанкулоска дел од министерски форум „ЕУ-Западен Балкан„ што се одржува вчера и денес во Брисел, Белгија.

Brisel, Noemvri

Posted in Некатегоризирано | No Comments »

Интервју на Министерката Јанкулоска за Утрински весник:На работа сум формално облечена, приватно носам фармерки

Posted by Гордана Јанкулоска on ноември 19, 2010

Ни откри дека повеќе сака да готви отколку да јаде, раскажа за сличните вкусови со својот сопруг и што значи емотивната стабилност

Валентина Тодоровска

За Терезиите постои раширено мислење дека имаат вонредна моќ на анализа и дека емоциите никогаш не ги спречуваат да донесат непристрасна одлука. И не само тоа, припадничките на овој воздушен знак ставаат кадифени ракавици на своите челични раце, а кога се смеат, можат да растопат и чоколадо?! Зошто таков трактат за Терезии? Хероината на нашиот текст, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, е Терезија, ама не верува во астрологијата. Со неа разговаравме на различни теми и добивме одмерени и точно дозирани одговори, типични за нејзиниот хороскопски знак што уште еднаш ја потврди тезата дека луѓето и ѕвездите не се случајна појава.

Кога е љубовта во прашање, која Ви е прва асоцијација, дефиниција? И што има Влатко, Вашиот избраник, што е она особеното што Ве привлече кон него?

Идеална дефиниција не постои, љубовта секој ја доживува на свој начин, тоа ја прави посебна и единствена. Сепак, таа несомнено подразбира меѓусебна поддршка и разбирање. Со Влатко и кога малку се познававме се интересиравме за исти работи, имавме слични вкусови за книги, музика, филмови, забава, спорт и слични погледи за фундаменталните прашања, но и тогаш и сега има прашања за кои имаме спротивставени ставови и за кои долго дебатираме и ги конфронтираме аргументите, посебно на стручни теми.

За бракот и за брачниот живот постојат разни афоризми и тоа најчесто шеговити, пејоративно се гледа на односите помеѓу мажот и жената. Вие сте тазе мажена, па е интересно да слушнеме што би ни кажале на таа тема, какви Ви се искуствата, што се смени, макар и ментално, кај Вас?

Во мојот случај и не би можело да се зборува за којзнае какво искуство кога станува збор за бракот. Формалната промена на статусот сама по себе не донесе некоја суштинска промена ниту во начинот на размислување ниту во начинот на живеење. Иако и формата и содржината имаат свое значење, сепак, вистинските промени во животот се резултат на промената на неговата содржина.

Имате ли класична поделба на машки и женски работи? Што правите Вие, а што тој? Вашиот изглед кажува дека храната не Ви значи многу, ама веројатно постои кујна во која сте вљубени. Што имате најчесто на домашното мени?

Нема таква поделба. Зависно од потребите, обврските, расположението, двајцата се грижиме за обврските во домот и меѓусебно си помагаме. Кога сме кај храната не би можела да издвојам јадење што ми е омилено, јадам буквално секаква храна и сакам да пробувам нови вкусови. Уживам во готвењето, постојано откривам нешто ново, подготвувам секакви јадења, традиционални македонски, но и јадењата според рецептите на Џејми Оливер. Нема да згрешам ако кажам дека подготвувањето на храната и комбинирањето на состојките, за да се стигне до посакуваниот вкус, ми претставува поголемо задоволство од нејзината консумација.

Колку емотивната, да ја наречеме, сигурност, стабилност, е предност за успешноста во работата?

Емотивната зрелост и стабилност секако помага, влева сигурност и самодоверба. Важна е за носењето одлуки и на приватен и на професионален план.

Всушност, кај Вас на лицето не може да се забележи дали сте расположени, ненаспани, дали некој Ве изнервирал. Како Ви успева?

Јас сум хронично ненаспана, но настојувам без оглед на околностите да ја задржам професионалноста и моето расположение или грижи, да не влијаат на она што го работам.

Како изгледа еден ваш ден, со и без работни обврски? Всушност, имате ли слободни викенди и како ги минувате – во пижами, со далечинскиот в рака, готвејќи…? Каква музика слушате, што Ве прави носталгична, романтична?

Деновите кога имам работни обврски, иако се целосно различни поради спецификите на мојата работа, сепак, многу личат еден на друг. Излегувам наутро и најчесто до вечерните часови сум целосно ангажирана околу настаните и обврските поврзани со работата. Оние другите, во кои немам обврски се многу ретки откако сум министер во Владата. Сепак, тогаш кога ги имам, сакам да ги поминам со моите блиски, без разлика дали тоа ќе биде во домашна атмосфера или некаде во природа. На мојот ај-под има секаква музика. Забавна македонска музика од постар датум, ги сакам „Мизар“ и „Архангел“, но имам и песни од Тоше, Ламбе, „Стринг форсис“. Од странската музика најчесто слушам британски поп и рок, особено таканаречениот манчестер саунд. За што ќе се одлучам, сепак, зависи од расположението.

Кога сме кај уметностите, да не ја скокнеме филмската – кои филмови повторно би ги гледале? И која е литература што може да ви ги наполни батериите?

Има поголем број филмови што сум ги гледала повеќе од два пати и повторно би ги гледала: „Длабоко синило“, „Мостовите на реката Медисон“, „Одење по жица“… Сепак, книгите се мојата слабост, и тоа оние во класична хартиена форма, кои можеш да ги допреш и да го почувствуваш нивниот мирис. Читам буквално се’. Една од книгите што ги прочитав во последниве месеци, а ми остави навистина силен впечаток е извонредниот роман од Бернхарт Шлинк „Враќање дома“. Пред неколку дена започнав да ја читам „Какао“ од Мишел Кан… Како што велат критичарите, тоа е несекојдневен роман за љубовта, болката, истрајноста, личната несреќа и среќа и желбата за докажување на сопствениот идентитет.

Читав дека сакате животинчиња, а Вашите домашни галеничиња се желки. Какви животни се тие, препознаваат ли, помнат ли, како комуницирате?

Голем љубител сум на животните и поддржувач на иницијативите за нивната заштита. Желките се интересни како миленици, неверојатно упорни и своеглави. Како и секое друго суштество, знаат да ја почувствуваат грижата, се навикнуваат на луѓето и сакаат да бидат во нивно опкружување откако ќе го надминат инстинктивниот страв и ќе стекнат доверба спрема оној што ги храни и се грижи за нив.

Како јавна личност, без оглед на тоа што сте од политиката, се’ се гледа, мери и премерува – Вашиот стил, шминката, очилата. Колку обременува тоа? Откаде ги набавувате костумите, имате ли лице што Ве советува за гардеробата?

Изгледот и изборот на облеката зависи од приликата и околностите во кои се наоѓам. Не правам чести и големи промени и на работа сум секогаш формално облечена. Надвор од работното место со задоволство носам фармерки, лежерна или спортска облека, рамни чевли, патики… Важно ми е да се чувствувам удобно и да изгледам пристојно во она што го носам. Кога купувам, внимавам на квалитетот, најчесто се снабдувам низ скопските продавници, но се случува кога сум во странство, да набавам по некое парче облека.

Многумина за релаксација и ослободување од стресот вежбаат јога, пешачат, медитираат или пак „консултираат“ астрологија. Што правите Вие?

Во хороскоп сум Терезија и тоа е речиси се’ што знам од астрологијата. Никогаш посебно не ме интересирале написите што се однесуваат на карактеристиките или т.н предвидувања за тоа што ги очекува луѓето родени во некој хороскопски знак. Се трудам да бидам физички активна, вежбам на орбитрек и на една од најфункционалните направи поуер плат, но возам и велосипед кога временските услови го дозволуваат тоа.

Читав дека ја обожавате Англија. Дали во времето на дошколувањето сте размислувале да останете?

Англија е земја за која ме врзуваат убави спомени. Ја сакам природата. Зеленилото и тишината ми даваат енергија. Таму се чувствувам пријатно, речиси како дома, ми се допаѓа начинот на кој функционира целокупното општество, но никогаш не сум помислила да останам таму. Овде е моето семејство, пријателите… Се’ што ме прави среќна. Македонија ја сакам со сите нејзини убавини и недостатоци, се радувам на секој нејзин успех, единствено таа е мојата земја.

Што сакате во Македонија? Да речеме, што би му препорачале на странец, што да види и посети? Што да проба?

Многу места… Неизбежниот Охрид, мојот роден град, Шар Планина, Пелистер, Матка, многуте цркви, манастири, македонските села, се’ што сведочи за нашата историја, вековната традиција и културата.

Мани и доблести? Со кого и како се дружите приватно?

Тешко е човек да говори за сопствените доблести и мани. Настојувам да бидам праведна и принципиелна во постапувањето. Понекогаш би сакала да можам да го подигнам сопствениот праг на толеранција и да имам повеќе трпение. Слободното време најчесто го поминувам со семејството, но и со неколку колеги од Владата со кои се дружиме и приватно.

АББА или „Битлси“?

Некогаш „Битлси“, некогаш АББА, а може и филмската музика од мјузиклот „Мама миа“.

Знаете ли да направите шега на своја сметка?

Смислата за хумор и интелектуалниот интегритет се привлечни. Често правам шеги на сопствена сметка и не се лутам кога пријателите се шегуваат со мене, ниту кога јас правам шеги на нивната сметка.

Што велите за константата дека политиката не е женска работа, и покрај тоа што се знае дека нашата, женската издржливост е подоминантна, а моќта на забележување – поголема?

Не верувам во поделба на машки и женски работи. Во политиката како и во секоја друга работа успеваат оние што работат вредно и посветено и имаат искрен однос спрема граѓаните. Политиката не е ни малку лесна работа, бара постојан ангажман и приспособување, но дава и можност да се биде активен и да се работи за напредок на сопствената земја, да се биде дел од суштинските процеси што се случуваат во едно општество и го прават подобар животот на многумина, на обичните луѓе. Тоа е она што мене ме привлече и беше пресудно да започнам да се занимавам со политика.

Како Ви е во машкото друштво од работа? За Вас се вели дека сте „ладна“, па затоа – постои ли „мимикрија“ за да се скријат срцето и емоциите?

Работам посветено и професионално и тука нема место за емоции. Луѓето со кои работам се професионалци и меѓусебно се почитуваме. Имаме заемна доверба без разлика дали се мажи или жени, помлади или поискусни од мене. Ваквиот коректен и професионален однос има голем придонес за квалитетно извршување на работните задачи и постигнување резултати.

Posted in Некатегоризирано | No Comments »

Министерката Јанкулоска на примопредавањето на реконструираниот објект во касарната Ѓорче Петров

Posted by Гордана Јанкулоска on октомври 25, 2010

1

“За Владата на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи е особено важно да се препознаат напорите кои се прават во борбата против организираниот криминал. Резултатите на терен и статистиката тоа го покажуваат, но свесни сме дека тие резултати треба постојано да се надградуваат и подобруваат. Тоа единствено е можно преку постојано обезбедување подобри услови за работа, овозможување подобар тренинг и набавка на поквалитетни материјално-технички средства за работа“, потенцираше, меѓу другото, министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска, во своето обраќање на денешната пригодна свеченост во касарната “Ѓорче Петров“ а по повод завршената реконструкција и примопредавањето на објектот за потребите на МВР, реновиран во изминатот период во рамките на ИЦИТАП-Програмата во координација со Европската команда на САД – EUKOM, што ја реализира американската амбасада во Република Македонија.

Темелната реконструкција на објектот којашто чинеше околу 390.000 долари а наменет за потребите на Одделот за организиран криминал, според министерката Јанкулоска, претставува уште една потврда за континуираната соработка што Македонија, и во конкретниот случај министерството за внатрешни работи, ја имаат од страна на Владата на САД, и истовремено –“ значи продлабочување на досегашната соработка, но и подршка за уште подобри резултати во делот на борбата против организиран криминал, пред се во делот на трговијата со дрога“.

Од своја страна, пак, по повод примопредавањето на објектот, американскиот амбасадор во земјава Филип Рикер нагласи дека – “овој проект заедно со останатите ја покажува посветеноста која Соединетите Американски Држави ја имаат во однос на партнерството со Република Македонија“. Амбасадорот Рикер, исто така, истакна дека Соединетите Американски Држави се решителни во партнерство со Македонија да се борат против недозволената трговија со дрога во целиот регион. Успехот на единицата за борба против недозволена трговија со дрога во Одделот за организиран криминал зборува многу за вашата посветеност да го ослободите регионот од оваа напаст.

Инаку темелната реконструкција на објектот (зградата број 47) започна пред нецела година и целиот зафат е завршен пред истекот на дадениот рок. Во рамките на на градежниот зафат за потребите на Одделот за организиран криминал, односно секторот за недозволена трговија со дроги, објектот е реконструиран во мултифункционален, модерен канцелариски комплекс, со канцеларии за полициските службеници, потоа канцеларии за надзор и кривично гонење, просторија за складирање и за чување на докази, технички работен простор и две конференциски сали.

Во продолжение интегрално ги пренесуваме обраќањата на министерката Јанкулоска и амбасадорот Рикер.

Обраќање на министерката Јанкулоска:

“Дозволете ми најнапред да Ве поздравам и да изразам голема благодарност за поддршката што во континуитет ја добиваме од страна на Владата на Соединетите Американски Држави преку американската амбасада и  ИЦИТАП-Програмата во координација со Европската команда на САД – EUKOM. Денешниов свечен чин на  примо-предавање на реконструираниот објект наменет за потребите на Одделот за организиран криминал значи продлабочување на досегашната соработка, но и подршка за уште подобри резултати во делот на борбата против организиран криминал, пред се во делот на трговијата со дрога.

За нас е особено важно да се препознаат напорите кои Владата на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи ги прават во борбата против организираниот криминал. Резултатите на терен и статистиката тоа го покажуваат, но свесни сме дека тие резултати треба постојано да се надградуваат и подобруваат. Тоа единствено е можно преку постојано обезбедување подобри услови за работа, овозможување подобар тренинг и набавка на поквалитетни материјално-технички средства за работа.

Борбата против организираниот криминал со сите свои специфики, со сета своја тежина и сложеност е императив за Министерството за внатрешни работи. И покрај силните вложувања и капацитетите кои се ставаат на располагање, секогаш е добредојдена помошта од нашите партнери, кои во борбата против трговија со дрога, и останатите форми на организиран криминал вложуваат и надвор од своите граници.

Во оваа прилика би сакала да ја потенцирам  улогата на Владата на Соединетите Американски Држави и нивната посветеност во подршка на овој сегмент, која особено се однесува на обуки за вработените во Министерството за внатрешни работи,  модернизација и зајакнување на логистичките капацитети и донација на опрема.

Уверена сум  дека  реконструираниот објект и повеќефункционалниот канцелариски простор наменет  за потребите на Одделот за борба против трговија со дрога при  Одделот за организиран криминал ќе придонесе во јакнење и зголемување на бројот на операции и заплени, насочени против нелегалната трговија со дрога во регионов.

Вашето присуство почитуван Амбасадоре Рикер на денешниов свечен чин на примо-предавање на реконструираниот објект – зградата број “47“ во вредност од 390.000 американски долари, претставува мотив повеќе енергично да продолжиме во борбата против организираните криминални групи кои се занимаваат со недозволена трговија со дрога.

Во име на Министерството за внатрешни работи и во мое лично име уште еднаш би сакала  да Ви се заблагодарам за Вашиот ангажман во реализацијата на овој проект,  со надеж дека нашата досегашна соработка ќе придонесе  не само за јакнење на односите помеѓу нашата држава и Соединетите Американски држави, туку и кон натамошно приближување на Република Македонија кон Евро-атлантските интеграции“.

Posted in Некатегоризирано | No Comments »

Излагање на министерката Јанкулоска на Регионалната министерска конвенција

Posted by Гордана Јанкулоска on октомври 20, 2010

“Трговијата со луѓе секоја година уништува илјадници невини човечки животи, а истовремено носи огромен профит на криминалците. Ниту една држава на светот не е моќна самостојно да со справи со овој облик на организиран криминал. На национално ниво, Република Македонија ги започна активностите за формирање на Национален Центар за координација на активностите за борба против организираниот криминал во кој ќе партиципираат претставниците од сите институции вклучени во борбата против организираниот криминал. Истовремено, надворешната димензија на овој вид на криминал ја наметна потребата од дополнување на досегашните 3 P”s традиционални принципи на дејствување (Prevention, Prosecution and Protection) со 4-иот P”s принцип – Partnership, кој е неопходна алка во целиот процес“, потенцираше, меѓу другото, министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето денешно обраќање на десетата Регионална министерска конференција што се одржува во Брдо кај Крањ (Словенија) а посветена на илегалната миграција, организираниот криминал, борбата против корупција и тероризмот. Овојпат, во рамките на конференцијата теми на министрите за внатрешни работи се реформите во областа на внатрешните работи по завршувањето на процесот на визна либерализација, развојот на проектите во рамките на Брдо процесот, како и ефикасните мерки во борбата против трговијата со луѓе.

Министерката Јанкулоска, покрај опширното излагање околу трговијата со луѓе, исто така се осврна и околу визната либерализација, односно околу натамошните реформски активности по добивањето безвизен режим. “Нашите активности за исполнување на европските стандарди продолжија и по укинувањето на визниот режим. Нашите активности се координирани и водени од неколку стратешки документи, но како особено значајни би ги издвоила: Националната програма за усвојување на правото на ЕУ и Шенгенскиот план на Република Македонија. Наведените документи се сеопфатни, долгорочни документи кои ја дефинираат динамиката на усвојување на правото на Европската Унија, стратегиските насоки, политиките, реформите, ресурсите и роковите што треба да се реализираат со цел Република Македонија да ги исполни условите за членство во Европската Унија“, нагласи министерката Јанкулоска, притоа истакнувајќи дека- “Република Македонија останува целосно посветена на ефикасно исполнување на реформите од ЕУ агендата, а особено во областа на правдата, слободата и безбедноста, кои се особено значајни за градење на добрососедски односи и за мирот и стабилноста на целиот регион на западен Балкан“.

Инаку, во рамките на овој министерски состанок се одржи и четвртиот состанок на Комитетот на министрите за внатрешни работи на земјите потписнички на Виенската Конвенција за полициска соработка во југоисточна Европа (Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Србија, Албанија, Романија и Молдавија)  чии што актуелен претседавач до крајот на годинава е Република Македонија, и кој што беше отворен и со кој претседаваше министерката јанкулоска.

Во продолжение интегрално го пренесуваме излагањето на министерката јанкулоска посветено на трговијата со луѓе:

“Трговијата со луѓе секоја година уништува илјадници невини човечки животи, а истовремено носи огромен профит на криминалците. Ниту една држава на светот не е моќна самостојно да со справи со овој облик на организиран криминал. Надворешната димензија на трговијата со луѓе и разорното дејство што таа го носи врз сите земји е приоритет кој не обединува и кој не упатува на заедничко дејствување.

Со оглед на транснационалниот карактер на трговија со луѓе, како неопходност се наметнува мулти агенцискиот и меѓународниот пристап во размената на информации, податоци и сознанија за сторителите на овој вид на криминал. Во таа насока воспоставувањето и дејствувањето на  заедничките тимови за истрага, како на национално, така и на меѓународно ниво е неопходност која треба постојано да се надградува.

Согледувајќи ја потребата од зајакнување на меѓуинституционалната соработка на национално ниво, Република Македонија ги започна активностите за формирање на Национален Центар за координација на активностите за борба против организираниот криминал во кој ќе партиципираат претставниците од сите институции вклучени во борбата против организираниот криминал. Освен тоа, досегашната размената на информации меѓу институциите резултираше со низа успешни иницијативи, акции и конечно разбивање на криминалните групи и спасување на жртвите.

Истовремено, надворешната димензија на овој вид на криминал ја наметна потребата од дополнување на досегашните 3 P”s традиционални принципи на дејствување (Prevention, Prosecution and Protection) со 4-иот P”s принцип – Partnership, кој е неопходна карика во целиот процес. (Prevention, Partnership, Prosecution and Protection).

Согледувајќи ја важноста од меѓународниот пристап во борбата против трговијата со луѓе, во Националниот акционен план за борба против трговија со луѓе како еден од главните приоритети го утврдивме промовирањето на регионалната соработка преку формирање на регионални заеднички истражни тимови.

Меѓутоа, успешната размена на информации и податоци помеѓу државите неминовно наметнува  воспоставување на заеднички стандарди и заеднички јазик на комуникациија помеѓу сите субјекти инволвирани во борбата против трговијата со луѓе. Истовремено, формирањето и оперативноста на регионалните истражни тимови претпоставува хармонизација на националните законодавства кои ќе овозможат правна основа за нивното дејствување. Во таа насока би сакала да предочам, дека Конвенцијата за  полициска соработка на Земјите од Југоисточна Европа, чии потписнички во голем дел се и земјите кои партиципираат во Брдо процесот, претставува правна основа за формирањето на заедничките истражни тимови кои би спроведувале истрага за кривичните дела на територијата на Договорните страни. Со наведената конвенција се урдува начинот на формирање на тимовите, водењето на заедничките операции, начинот на размена на информациите , како и начинот на гонење на сторителитете на кривични дела од страна на истражните органи.

Република Македонија, со цел да придонесе во напорите за приближување на регионот на Југоисточна Европа кон европските стандарди, како еден од приоритетите за време на своето претседателство го утврди унапредувањето на проектот за заеднички тимови за истрага. Несомнено, успешната реализација на овој проект ќе има директно влијание на внатрешната и надворешната безбедност во регионот на Југоисточна Европа.

Освен тоа, во градењето на единствениот пристап како особено важни би ги споменала размената на информации преку ИНТЕРПОЛ, ЕВРОПОЛ,  ФРОНТЕКС, СЕКИ Центарот. Во обидите за градење единствен пристап за афирмирање на човековите права, но и за борбата против транснационалниот организиран криминал Република Македонија ги прифати сите релевантни документи на Обединетите Нации, Европската Унија, Советот на Европа и Пактот за стабилност. Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за борба против трговија со луѓе, а со последните измени на Кривичниот законик се изврши доусогласување на домашното законодавство со меѓународните стандарди во областа на трговија со луѓе.

Превенцијата и заштитата на жртвите на трговија со луѓе преставуваат значајни сегменти од нашата национална стратегија. Во таа насока, би сакала да истакнам дека во Република Македонија воспоставен е државен шелтер центар –засолниште и одржлив механизам на заштита на жртви на трговија со Македонски државјани.

Во изминатиот период воспоставивме систем  кој ги обединува активностите на државниот и невладиониот сектор и кој во себе ги инкорпорира мерките од идентификација, помош и заштита, вклучувајќи го и враќањето, но кој истовремено е флексибилен да одговори на индивидуалните околности и потреби на жртвите на трговија со луѓе. Досегашното искуство потврдува дека континуираната обука на стручните лица од сите профили за новите методи на извршување на ова кривично дело е потреба која континуирано треба да се спроведува. Во таа насока, би сакала да истакнам дека Националната комисија за борба против трговија со луѓе, со подршка од Меѓународната организација за миграции и финансирана од Европската Унија преку ИПА фондовите во текот на 2009-2010 година ги продолжи обуките за повеќе од 500 стручни лица, меѓу кои полициски службеници, судии, јавни обвинители, социјални работници, трудови инспектори.

На крај, би сакала да го истакнам значењето  на одржувањето на  редовните состаноци на Националните Координатори за борба против трговија со луѓе од Југоисточна Европа и при тоа ја изразувам својата подршка за нивно понатамошно одржување“.

Posted in Некатегоризирано | No Comments »

Министерката Јанкулоска претседавач на Комитетот на земјите потписнички на Виенската Конвенција

Posted by Гордана Јанкулоска on октомври 19, 2010

“Конвенцијата за полициска соработка во југоисточна Европа претставува особено значајна алатка која придонесува за интензивирање и зајакнување на полициската соработка, како помеѓу земјите во регионот, така и помеѓу нив и земјите-членки на Европската унија, а воедно, придонесува и за јакнење на безбедноста во регионот“, истакна меѓу другото, министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето денешно обраќање со кое во својство на претседавач го отвори четвртиот состанок на Комитетот на министрите за внатрешни работи на земјите потписнички на Виенската Конвенција за полициска соработка во југоисточна Европа што денес се одржува во рамките на дводневната Регионална министерска конференција во Брдо кај Крањ (Република Словенија).

Министерката Јанкулоска како претседавач на Комитетот потенцираше дека досегашниот успех на соработка во борбата против организираниот криминал и прекуграничните закани е показател дека активностите на Комитетот се движат во вистинска насока кон остварување на целта на оваа Конвенција, односно кон ефикасна полициска соработка во борбата против заканата по јавната безбедност, односно борба против меѓународниот криминал. Во двете работни сесии на Комитетот Јанкулоска ги презентираше остварените резултатит во исполнувањето на зададените приоритети на земјите потписнички на Конвенцијата за време на македонското претседавање со Комитетот а дефинирани на претходниот трет состанок на ова тело одржан во Софија (Р. Бугарија). Притоа, министерката Јанкулоска нагласи дека Република Македонија, македонското МВР, со низата конкретни активности и залагања активно допринесуваат за интензивирање и зајакнување на полициската соработка во регионот, односно во насока на ефикасно спроведување на одредбите од Виенската Конвенција и нејзина доследна имплементација. Предвидено е, на крајот од состанокот на Комитетот, на кој ќе бидат прецизирани наредните приоритети во насока на целосна имплементација на Конвенцијата, да биде потпишан и Меморандум за разбирање.

Инаку, денес и утре, во Брдо кај Крањ, се одржува десетата по ред Регионална министерска конференција посветена на илегалната миграција, организираниот криминал, борбата против корупција и тероризмот, овојпат тематски фокусирана на реформите во областа на внатрешните работи по завршувањето на процесот на визна либерализација, развојот на проектите во рамките на Брдо процесот, како и ефикасните мерки во борбата против трговијата со луѓе.

Posted in Некатегоризирано | No Comments »